Организацијата Tyre Stewardship Australia (TSA) иницирала почеток на пробен период, во кој патиштата во Јужна Австралија да бидат покриени со нов слој на асфалт, изработен со доминантна употреба на состојки добиени со рециклирање на користени автомобилски гуми

Првиот град во кој ќе се применува новото технолошко решение за локални патишта е Мичам, а патот пионер во промоцијата на овој тип на асфалтна покривка е долг 335 метри. Очекувањата се дека употребата на гумени елементи значително ќе придонесе за издржливоста на асфалтот.

Специфичната компонента која е користена е топла мешавина од асфалт и делови од гуми, која е специјално избрана за областа во која се применува.

За време на пробниот период, одговорните ќе следат голем број на фактори, вклучувајќи пукнатини на асфалтот, степенот на амортизација на патната прекривка, задржување на влага и издржливост. Понатамошна имплементација на овој вид на асфалтни смеси на остатокот од континентот ќе биде условено од квалитетот на така собраните податоци.

Според информациите со кои располага TSA, во Австралија годишно се фрлаат околу 56 милиони гуми, додека стапката на рециклирање на истите, е само 10%. За асфалтирање на претходно споменатиот пат, искористени биле околу 850 користени. Во просек, за секој тон на асфалт, се користат 1,5 гуми.

Пробниот период ќе трае две години, а сите релевантни учесници во оваа интересна приказна ги истакнуваат мултилатералните ефекти од примената на оваа технологија. Акцентот е ставен на еколошкиот момент, зголемувањето на стапката на вработеност и подобрувањето на квалитетот на патната инфраструктура.