Грчка авиокомпанија ќе ги поврзува островите со копно преку хидроавиони
Grecian Air Seaplanes најави дека од септември ќе воведе летови со хидроавиони за подобро поврзување на островите со копното, користејќи ја можноста отворена со издавање на првите дозволи за пристаништата за овој вид на транспорт
Во почетна фаза, флотата ќе вклучува три хидроавиони со 19 седишта кои ќе летаат од пристаништата во Јонското Море, а со текот на времето нивниот број треба да се зголеми.
Хидроавионите можат да функционираат како надополнување на другите превозни средства, вклучувајќи траекти и стандардни авиони, а исто така можат да послужат и за чартер летови, медицински превоз и товарни услуги, посочува Reuters.
Грција има крајбрежје од 16.000 километри и е идеално за услуги со хидроавиони. Превозниците би можеле да го подобрат пристапот до многу туристички дестинации и слабо поврзани острови, што би го зајакнало туризмот.
Од Grecian Air Seaplanes велат дека со летовите ќе пополнат пазарниа ниша и подобро ќе ги поврзат островите и копното. Деловниот план на компанијата предвидува комбинација од купување и изнајмување хидроавиони, бидејќи ќе треба да издвои околу 7 милиони долари само за еден авион.
Компанијата соопшти дека планира да ги прошири своите деловни активности паралелно со лиценцирање на пристаништата на островите во Јонското Море, вклучувајќи ги Крит, Киклада, Спорада и Додеканез.
Во соопштението се наведува дека меѓу акционерите се наоѓа и челникот на Greek Water Airports, компанија специјализирана за проектирање, изградба и лиценцирање на пристаништа за хидроавиони, како и превозникот AXIONAIR.