Градоначалникот на Москва најави продолжување на производството во Москвич
Фабриката на Renault во Москва ќе биде префрлена во градска сопственост, а во неа ќе се обнови производството на автомобили под марката Москвич
Планирано е и производство на електрични автомобили, напиша на својот блог градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.
„Странскиот сопственик одлучи да ја затвори фабриката на Renault во Москва. Тоа е негово право, но не можеме да дозволиме илјадници работници да останат без работа. Затоа решив да ја пренесам фабриката на градот и да продолжиме со работа. Ќе произведуваме автомобили под историската марка Москвич“, пишува Собјанин.
Тој најавува дека градските власти ќе се обидат да го задржат најголемиот дел од персоналот во фабриката на Renault и сродните компании.
Според него, во првата фаза ќе се организира производство на класични патнички автомобили, а во иднина и на електрични.
„Покрај тоа, заедно со Kamaz и Министерството за индустрија и трговија работиме на локализирање на производството на максимален број делови во Русија“, додава Собјанин.
Министерството за индустрија и трговија исто така објави дека се потпишани документи за трансфер на рускиот посед на групацијата Renault во Русија и градот Москва.