Google сака да го поддржи квалитетното новинарство, да се бори против лажните вести, да користи технологија за развој на алатки, со цел да ја олесни работата на новинарите и да го зголеми приходот на издавачите

Лажните вести се една од жешките теми на интернет во последниве години, па затоа големи компании како Google и Facebook преку кои ваквите вести често и се шират, се обидуваат да најдат начин кој ќе им овозможи на корисниците пристап до информации од сигурни извори. За таа цел, Google оваа недела ја започна иницијативата News Initiative, програма дизајнирана за новинари и издавачи во која компанијата ќе вложи 300 милиони долари во наредните три години.

Оваа програма има три главни цели – првата е да се поддржи квалитетното новинарството, со борба против лажните информации (особено за време на некои важни настани), потоа да ја искористи технологијата за развој на алатки кои ќе ја олеснат работата на новинарите и да овозможи зголемување на приходите на издавачите. Philipp Schindler од Google при лансирањето на иницијатива, изјави дека пребарувач, кој не овозможува пристап и квалитетни резултати од пребарувањето, е последното нешто што луѓето сакаат да го видат додавајќи и неколку збора за издавачите: „ Ако не сте успешни, тогаш не сме ни ние“.

Како дел од оваа иницијатива, Google ќе претстави и алатка со отворен код која се нарекува Outline со која медиумите на своите новинари ќе им овозможат безбеден пристап до интернет, додека во борбата против ширењето на лажни вести ќе има соработка со универзитетите и разни организации, како и со популарните корисници на YouTube како Џон Грин и Ингрид Нилсен кој ќе им помогнaт да ги едуцираат младите луѓе за лажни информации кои се објавуваат и се шират преку Интернет.

Дел од оваа иницијатива е и новиот модел на монетизација на содржини на издавачите, која вклучува опција Subscribe with Google – на корисниците ќе се овозможи полесно плаќање на медиумските организации кои потпишале партнерство со Google, па тие за пријава, но и плаќање на претплата на пример на The Washington Post, Miami Herald и други медиуми, ќе можат да ги користат податоците за сметка на Google.

Исто така, Google користи вештачка интелигенција за тестирање на опција која треба да ги информира медиумските компании за корисниците кои би можеле да бидат заинтересирани за плаќање за нивните содржини и да се претплатат.