Големите нафтени компании пливаат во пари поради рекордните цени на нафтата
Заработката од продажба на гориво се мери со десетици милијарди долари
Високата цена на нафтата и следствено на нафтените деривати, секако негативно се одразува на економијата, но најмногу на стандардот на обичниот човек. Сепак, таквите цени за некои се добредојдени, ги охрабруваат и „тријат раце“. Најголемите нафтени компании кои работат во Америка, таканаречените Big Oil, годинава бележат огромни профити, а со нив и акционерите.
Во првите девет месеци од оваа година, поради растот на цените на бензинот во САД, најголемите нафтени и гасни компании оствариле вкупен профит од 174 милијарди долари, пишува The Guardian.
Вкупните приходи, доставени до The Guardian, покажуваат дека само во третиот квартал на 2021 година, 24 водечки нафтени и гасни компании оствариле повеќе од 74 милијарди долари нето приход. Само Exxon генерирал нето приход од 6,75 милијарди долари во третиот квартал, што е најголема добивка од 2017 година, а приходите скокнале за 60% во однос на истиот период минатата година. Компанијата го навела растот на цените на нафтата за зголемениот профит, исто како и BP, кој остварил профит од 3,3 милијарди долари во третиот квартал.
Цените на бензините достигнуваат највисоко ниво во последните седум години во САД поради зголемувањето на цената на нафтата, а Американците сега плаќаат околу 3,40 долари за галон гориво во споредба со околу 2,10 долари пред една година.
Администрацијата на Бајден предупреди дека поскапото гориво им штети на луѓето со ниски приходи и ослободи 50 милиони барели нафта од националните стратешки резерви за да ги намали трошоците.
Компаниите за нафта и гас, барем досега, покажале минимален интерес за зголемување на производството за да помогнат во намалувањето на трошоците, а во новиот извештај на владината надзорна група Accountable.US се обвинети дека користат „надувани“ цени.
„Американците кои кривецот за проблемите го бараат на бензинските пумпи, не мора да гледаат подалеку од шефовите на богатите компании за нафта и гас кои решија да ги наполнат сопствените џебови наместо да ги намалат цените на горивата“, вели Кајл Хериг, претседател на Accountable.US.
На акционерите на 11-те најголеми компании им се исплатени 36,5 милијарди долари дивиденда.