Германската влада, охрабрена од најновите случувања, одлучи да го поддржи првичниот план за што поскоро ставање крај на продажбата на нови автомобили на фосилни горива.

Германската министерка за животна средина, Штефи Лемке, потврди дека Германија ќе го поддржи законодавството што ќе дозволи продажба само на автомобили со нула емисија во Европската унија од 2035 година.

Со оваа безрезервна поддршка, владејачката коалиција им задава голем удар на поборниците за побавна транзиција на автомобилската индустрија (и сообраќајот), но ја носи и најважната одлука досега во однос на креирањето транспортна политика на ЕУ.

Одлуката за електрификација доаѓа од најголемата европска економија, но и татковината на најсилната европска автомобилска индустрија, која досега се спротивставуваше на предлозите за драстични цели за намалување на штетните емисии. 

„Новата германска влада стои зад предлогот на Европската комисија и целосно го поддржува крајот на моторите со внатрешно согорување (за автомобили и лесни комерцијални возила) во ЕУ од 2035 година“, вели Лемке во интервјуто.

Минатогодишниот коалициски договор остави помалку простор за опстанок на моторите со фосилни горива, со тоа што дозволи користење на т.н. е-горива, односно синтетички горива што ги користат некои водечки компании во Германија, вклучувајќи ги Bosch и Porsche. Лемке сега вели дека се враќа на првичниот предлог на Комисијата, кој не остава простор за е-горива.

Во Германија, како и во другите земји со силна автомобилска индустрија, стравуваат дека брзата електрификација може да резултира со големи отпуштања. Илјадници, па дури и десетици илјади луѓе би можеле да завршат на улица, посочува Politico.