Германските железници го забранија дизелот и преминаа на биогорива
Германските железници, претставени преку компанијата Deutsche Bahn, ја укинуваат употребата на дизел гориво во нивните локомотиви со цел достигнување на целта врзана со климатска неутралност
Наместо нафта, композициите ќе се движат благодарение на согорување на биогорива. Сепак, за целосно спроведување на одлуката ќе биде потребно време.
Планот предвидува Deutsche Bahn најдоцна до 2040 година да се преориентира на употреба на биогорива, на целата флота.
„Почнувајќи од оваа година, полека ќе ги префрламе нашите 3.000 локомотиви на алтернативен погон“, вели извршниот директор на Deutsche Bahn, Ричард Лук.
Компанијата веќе планира целосно да премине на зелена, електрична енергија. Споменатиот Лук најавува дека следниот чекор ќе донесе „постепено напуштање на дизелот“ до 2040 година. Како таков, тој е еден од „централните еколошки проекти“ на Deutsche Bahn.
Според изјавите од управата на Deutsche Bahn, согорување на биогорива значи согорување на отпадни материи. На тој начин би се избегнала ситуација во која производството на биогорива би се организирало на сметка на производството на храна. Со тоа, постоечкиот дизел мотор не би морал да се прилагодува на новиот тип на гориво.
Секако, планот претпоставува брза конверзија на локомотивите под контрола на Deutsche Bahn, доколку намерата е до 2040 година да се раскрсти со дизелот. Сепак, најважната точка се однесува на електричната мрежа. Во сообраќајот на долги релации, возовите речиси целосно сообраќаат на електрична енергија, со која се напојуваат од жици над композицијата, додека околу 90% од вкупната железничка мрежа е покриена со електрична енергија, односно електрифицирана. Затоа, укинувањето на дизелот главно се однесува на регионалните правци.
Deutsche Bahn еко-дизел тестира уште од летото 2020 година, за кој се вели дека ќе допринесе за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 90%. Дополнително, идејата е Германците во иднина да купуваат само електрични или водородни погонски агрегати за железничкиот сообраќај, а наскоро ќе се започне и со тестови на батериски композиции.
Карго филијалата DB Cargo во јануари исто така објави дека сака да ги замени сите дизел локомотиви со помодерни на среден рок. Возниот парк, меѓу другото, ќе биде дополнет и со таканаречени двомоторни локомотиви. Тие можат да „играат“ помеѓу конвенционален дизел мотор и модерен електричен погон, па затоа може да се користат и на електрифицирани делови од пругите, како и на рути без надземни водови.