Германскиот ADAC до возачите: „Возете помалку, побавно и пешачете, премногу сме зависни од руската нафта“
„Ве молиме проверете дали можете да го намалите возењето за некои патувања што не се неопходни“, се вели во апелот.
Европа е загрижена поради сопствената зависност од руската нафта и гас. Летото е пред нас и брзо ќе помине, а потоа доаѓа зимата и поголемата потреба и за гас, и за нафта. Руската воена операција во Украина за жал влегува во третиот месец.
Загриженоста е голема, па затоа Германците се трудат на секој начин зависноста да ја направат што е можно помала, а кога е во прашање нафтата, најголемиот германски автомобилски клуб ADAC има неколку совети за возачите, па им се обратил на сите членови со отворено писмо во кое се охрабруваат да возат помалку.
„Ги повикуваме членовите на клубот да трошат помалку гориво и на тој начин да ја намалат зависноста од увоз на сурова нафта“, се вели во писмото. „Зависноста на нашата земја од рускиот увоз на енергија е огромна и важно е да се намали. Секој поединец може да придонесе за тоа“.
Писмото беше објавено истиот ден кога Gazprom, руската државна енергетска корпорација во мнозинска сопственост, објави дека ќе престане да испорачува енергија за Бугарија и Полска. Ова предизвика дополнителна загриженост во Германија, која исто така зависи од нафтата и гасот од Русија.
Европската унија ја нарече акцијата на Русија „инструмент за уцена“ што ја покажува „несигурноста на земјата како добавувач“. Од друга страна, како што велат од Кремљ, тие само одговараат на „непријателските чекори“ преземени од западните земји кон Федерацијата.
Полска го нарече овој потег реакција на нејзините санкции против руски поединци и компании.