За 13 години, вредноста на овој тип на автомобили се зголемила за 4 пати

Експертите од германската Suedwestbank на своите клиенти им препорачуваат да фрлат поглед на пазарот на класични автомобили и да инвестираат токму во нив, а не во акции или обврзници. Банкарите се убедени дека оваа инвестиција е оправдана од гледна точка на профитабилноста и стабилноста на цените, пишува Bloomberg.

Од Suedwestbank посочуваат дека побарувачката за алтернативни инвестиции – на пример, вино или уметнички дела, исто така по финансиската криза значително се зголемила. За споредба на динамиката при промената на вредноста на автомобилите со другите активи, банката дури направила посебна класификација – OTX Classic Car Index, во кој влегуваат германски автомобили стари повеќе од 30 години.

Во периодот 2005 – 2018 година цените на класичните спортски автомобили скокнала 4 пати, додека главниот берзански индекс на Германија – DAX, е зголемен за 204%. Најповолен избор е Porsche 911, чија цена за 13 години се зголемила за 683%. Затоа експертите препорачуваат да се купуваат автомобили со цена не помалку од 100.000 евра, бидејќи треба да се компензираат трошоците за одржување и осигурување.

Во септември минатата година британската банка Coutts направи рангирање на „инвестиции од страст“, со кое го оцени вложувањето на средства во парички, уметнички дела и автомобили. Најпрофитабилни се покажале токму класичните автомобили, чија цена во последните 12 години е зголемена за 331,9%.