Германија наскоро ќе даде „зелено светло“ за јавна употреба на роботакси
Германската автомобилска индустрија апелира до законодавците да ја забрзаат регулативата што може да послужи како меѓународен нацрт за автономни таксивозила и автобуси
На 10 февруари, канцеларијата на канцеларката Ангела Меркел претстави предлог-закон кој ќе овозможи автономни возила од ниво 4 да оперираат на јавни патишта во дефинирани области, почнувајќи од следната година.
„Ние сакаме автономни автомобили и автобуси, кои ќе ги возат патниците до нивните дестинации, а потоа ќе се паркираат во своите гаражи“, вели германскиот министер за транспорт Андреас Шојер.
VDA, која ги застапува интересите на германските производители на автомобили и делови, вели дека оваа регулатива, доколку биде изгласана, ќе и помогне на индустријата да се зајакне меѓународно во трката за развој на високо автоматизирани возила.
Додека компаниите како Volkswagen и Daimler немаат возила од ваков тип подготвени за сериско производство, тие се надеваат дека соодветното регулаторно опкружување ќе им помогне да дизајнираат и лансираат возила кои се управуваат самостојно, или познати како роботски.
„Знаењето и искуството што можат да се стекнат во Германија во рамките на овој процес даваат можност да послужат како основа за европската правна рамка и меѓународните регулативи“, велат од VDA.
Во моментов, никој од најголемите германски производители на автомобили не планира да лансира автономни возила наскоро. Под раководство на Оле Калениус, Mercedes-Benz се повлече од областа на роботиката, тврдејќи дека не гледа валиден деловен план, па затоа одлучи заеднички да инвестира со NVidia во повисоки нивоа на автономија за конвенционалните патнички возила, односно приватни клиенти.
Во ноември, VW назначи еден од своите најдобри инженери, Кристијан Зенгер, на чело на секторот задолжен за развој на автономно и услужно возење. Тој е одговорен за развојот на модел што ќе се користи во соодветните флоти, а софтверскиот систем доаѓа од партнерската компанија Argo AI.