Aмериканскиот Ford планира целосно да ја „реновира“ својата комплетна линија на автомобили со фокус на SUV, кросовер и камионет моделите, а „сечењето“ на седан и хеџбек моделите ќе го преживее Mustang

Во случајот не станува збор само за преживување, туку Mustang, ќе добие многу поголема улога од онаа до сега, бидејќи Ford, покрај тоа што планира електричен кросовер базиран на Mustang, наводно, планира да изгради и седан со четири врати во купе стил.

Тој Mustang би се придвижувал со V8 мотор, па несомнено ќе биде конкуренција за лидерите во сегментот како Audi A7 и над сите Porsche Panamera. Споменатиот V8, наводно, ќе користи технологија слична на онаа кај помалите EcoBoost мотори, но оваа 5.0-литарска единица би имала по едно турбо за секој цилиндерски блок.

Ако добие зелено светло, овој Mustang со четири врати ќе пристигне најверојатно дури со новата генерација на моделот, иако не е невозможно агрегатот V8 едно време да се најде и во стандардната верзија на Mustang со две врати.