Иако се шпекулираше дека Ford може целосно да го укине овој модел, изгледа дека ново Mondeo веќе е во подготовка

Со само 30.782 продадени единици во првите девет месеци од 2019 година, Ford Mondeo не може да се пофали дека добро се носи со конкуренцијата во автомобилскиот „D“ сегмент во Европа.

За споредба, од лидерот во оваа класа возила, VW Passat, во истиот период се испорачани 90.621 автомобили на Стариот континент, додека второ рангираната Škoda Superb стигнала до 51.734 клиенти. Mondeo е дури на петтото место во класата, со нешто повеќе испорачани единици од Peugeot 508.

Сепак, според магазинот Autocar, тоа би можело да се промени со новата генерација на Mondeo, за којa овој извор тврди дека пристигнува во втората половина на 2021 година.

Autocar се повикува на интерен документ од европската филијала на Ford, во кој се споменува фабричката ознака Mondeo CD542 меѓу моделите за 2022 година. Инаку, ознаката „CD542“ претходно се користеше за наследникот на Ford Fusion (американската верзија на тековното Mondeo), од кој во меѓувреме Ford се откажа.

Се верува дека наследникот на сегашниот европски Mondeo ќе ја користи модуларната механичка платформа C2, на која се темели новиот Focus.