Ford ги негираше тврдењата на медиумите дека го укинува моделот Mondeo за европскиот пазар и ќе отпушти 24.000 работници во Европа

Според извештајот на Sunday Times, а кој се базира на проценките на аналитичарите од Морган Стенли, Ford, наводно, планира да го намали вкупниот број на вработени (202,000) за 12%, главно со отпуштање на работници во Европа.

Ford навистина има намера да ги преструктуира своите операции на Стариот континент, каде што меѓу април и јуни регистрирал загуби од околу 73 милиони долари.

Во наведениот извештај понатаму, се изнесува дека компанијата, исто така, планира да ги укине моделите Mondeo, Galaxy и S-MAX, и да ги замени со попрофитабилни кросовери.

Сепак, Ford ги отфрла обвинувањата во овој извештај.

„Во Европа, во моментов имаме најголема понуда на наши возила досега. Ние редовно вршиме проценка на пазарот и врз основа на трендови и барања на клиентите ги донесуваме плановите и одлуките во врска со продажбата на нашите модели во иднина. Досега, не се направени никакви промени во овој поглед“, велат од Ford.

Во соопштението понатаму, се наведува дека Mondeo останува еден од клучните модели во понудата на Ford на европскиот пазар.

„Ние подготвивме подобрувања за овој модел кои ќе бидат достапни кон крајот на оваа година, вклучувајќи ги и новите мотори и редизајн на екстериерот и ентериерот, како и подобрување на Mondeo Hybrid“.

Од Ford велат дека изјавите за бројот на работници кои ќе бидат отпуштени се чисто шпекулации во медиумите и не сакаат да коментираат за нив.

Производителот, исто така, ги негира плановите за укинување на MPV моделите Galaxy и S-MAX.