Ford го откажа учеството на Саемот за автомобили во Женева следната година и со тоа стана втор голем производител, по Volvo, кој ќе го пропушти еден од најзначајните настани во автомобилската индустрија секоја година

Имено, се наведува дека официјалните претставници на Ford оваа одлука ја донеле од причина што времето на одржување на Женевскиот саем не се вклопува во нивниот план за лансирање на нови модели, па затоа учеството нема финансиска оправданост.

„За да учествувате на саем за автомобили потребна е голема сума пари“, вели претставникот на Ford за Европа. „Ако вложените пари не се вратат во инвестиции, вниманието на медиумите или вниманието на луѓето кои го посетуваат овој саем, зошто да го правиме тоа?“, додаде тој.

Наместо тоа, Ford ќе организира сопствени настани, со фокус на своите електрифицирани модели. Оваа компанија, исто така, ќе го прескокне и овогодинешното издание на Саемот за автомобили во Париз, како и претходните години, а во 2019 година за првпат ќе го прескокне и Женевскиот саем.

Ford планира настани под заедничко име Go Further низ цела Европа, слични на претходните настани на кои се прикажани моделите Mondeo, Mustang и Fiesta.

Во текот на 2019 година, се очекува премиера на сеуште неименуван модел, како и тоа фокусот да биде насочен кон хибридни и електрични автомобили. Наредната година се очекува Ford да го претстави својот прв хибриден, патнички автомобил, како и plug-in-хибридна верзија на моделот Transit.