Ford го прекина производството на Fiesta во Келн
Ford го прекина производството во германската фабрика во Келн
Во оваа фабрика се произведува еден од клучните модели на марката, Fiesta. Се очекува состојбата да се нормализира дури кон крајот на април.
Automobilwoche, повикувајќи се на портпаролот на германската филијала на брендот, информираше за продолжена пауза во фабриката на Ford во Келн. Причината се прекините во снабдувањето, иако производителот не прецизира за кои компоненти станува збор.
Локалниот весник Bild пишува дека тоа би можело да бидат каблите од Украина, како и полупроводниците, недостаток со кој Ford и претходно се бореше за време на пандемијата со коронавирус. Без оглед на причината, вработените нема да се вратат на своите работни места пред 25 април.
Во согласност со германските стандарди, производителот го воведе таканаречениот „Kurzarbeit“, односно скратување на работното време или целосен прекин на активностите, притоа задржувајќи ги платите на вработените.
Треба да се напомене дека фабриката во Келн е важна за Ford во однос на идните планови. Компанијата инвестираше 2 милијарди евра за да започне со производство на електрични модели базирани на MEB платформата на Volkswagen во наредните години. Ако се оди според планот, првите кросовери ќе излезат од производната лента на крајот од оваа година.