Ова се деталите кои ќе бидат опфатени со новото правило, односно какви поставки можат да користат возачите и тимовите

Правилото со кое се забранува употреба на квалификациски режими ќе се воведе дури од Големата награда на Италија, но управниот орган на Formula 1 достави нови детали за тоа. Auto, Motor und Sport пишува дека и покрај забраната на режими, т.н. копче за претекнување сè уште може да се користи.

Од викендот во Монца квалификациите и трката ќе треба да се одвиваат со истиот мод на моторот. FIA се решила на овој потег од безбедносни причини, затоа што, како што велат од таму, им станало многу тешко на нивните делегати да утврдат кои режими треба да ги проверат, односно се поставува прашањето дали погонската единица е легална или не.

Според германскиот Auto, Motor und Sport, копчето што возачите го користат за претекнување, односно за дополнителна моќност од ERS системот, нема да биде опфатено со оваа забрана.

„Параметрите за празнење и полнење на системите со електрична енергија сè уште можат да се изменат”, наведува овој германски портал.

Иако се чини дека возењето со еден режим на моторот по квалификациите звучи прилично едноставно, се чини дека тоа не е случај, поради што се прават неколку исклучоци каде ќе биде можно да се користат различни поставки на единицата, а тоа се загревачкиот круг пред стартот, круговите зад безбедносниот автомобил или за време на виртуелниот безбедносен автомобил, парадирачкиот круг по трката, круговите пред и по брз круг во квалификациите и кој било друг круг што е 20% под најбрзиот круг за време на квалификациската сесија.

Според Auto, Motor und Sport, заради различната состојба во однос на агрегатите помеѓу тимовите, ова ново правило за забрана за употреба на режими доаѓа со воведувањето на третата погонска единица по возач, додека другите ќе треба да користат различни поставки на веќе користени мотори за да се прилагодат на овој нов систем.