Европските градови сè повеќе го ограничуваат влезот на постари автомобили
Во Европа, од 2019 година, бројот на градови кои отвориле забранети зони за постари автомобили е зголемен за 40 отсто поради нивните емисии на издувни гасови. Дали некогаш градовите во Македонија ќе им се придружат на овие 320 европски градови?
Истражувањето спроведено од Clean Cities Campaign покажува нагло зголемување на зоните со ниска емисија за автомобили. Во 2019 година во Европа имало 228, а во моментов (2022) има 92 повеќе (320).
Нагло зголемување на бројот на зони
Истражувачите пресметале дека до 2025 година, во Европа ќе бидат активни 507 такви градови или зони, што значи зголемување од 58% во споредба со јуни 2022 година. Отворањето на нови зони е олеснето со промените во регулативите во земји како Франција и Шпанија. Новите прописи дозволуваат, а понекогаш дури и бараат формирање на нови „Чисти градови“ (Clean Cities).
Но, зоните со ниска емисија не се сè. Има и одредени зони со нулта емисија, кои воведуваат целосна забрана за влез за сите возила со мотори со внатрешно согорување.
Не се сите воодушевени
Сепак, да се каже дека постои универзален ентузијазам за планови за нови зони би било огромна грешка. Доказ? Истиот извештај покажува дека само 45 од 100 градови избрани за „ЕУ мисијата за паметни и климатски неутрални градови“ го започнале овој проект, а само 10 имаат нацрт-план за зони со нулта емисија.