Целта на Европската унија е да го намали бројот на летови на кратки релации

Воздушниот транспорт повеќе загадува и нема многу смисла ако летате на релација долга 300 километри, а притоа имате добра поврзаност со други видови на транспорт. Целта на Европската унија е да го намали бројот на летови на кратки релации и силно да промовира друг вид транспорт – железницата.

Европската комисија, Заедницата на европските железници, Европската железничка мрежа за снабдување и ALLRAIL, која ги претставува железниците кои не се во државна сопственост, започнале изработка на студија чија цел е да ги дефинира сите предности на железничкиот транспорт меѓу големите градови.

Една од целите на студијата е да се дефинираат намалувањата на трошоците во развојот на нова, напредна мрежа на железнички линии, која би овозможила големи брзини. Нешто како францускиот TGV низ Европа. Идејата е да се удвои користењето на брзи линии до 2030 година и тројно да се користи до 2050 година. Најголем предизвик ќе бидат линиите кои ги преминуваат границите на поединечни држави, односно проекти кои ќе ги финансираат повеќе држави.

Сместена во центарот на Европа, Германија ќе игра голема улога во секоја паневропска мрежа. Предлогот на германската влада TEE2.0 за рестартирање на стариот Trans-Europe Express е продолжување на нејзината програма Deutschland Takt вредна 85 милијарди евра, најавена во 2019 година, која има за цел да обезбеди брз и чест меѓуградски железнички превоз меѓу сите поголеми германски градови до 2030 година.

Најголемите придобивки би можеле да ги почувствуваат другите земји, кои моментално немаат брза железничка мрежа. Чешка работи со француската железничка индустрија за развој на нови линии со брзина од 350 км/ч кои ќе го забрзаат времето на патување меѓу Прага, Брно и Острава и ќе овозможат многу побрзи меѓународни врски меѓу Австрија, Словачка, јужна Полска и источна Германија.