Електричниот Renault Megane на реален рендер / ФОТО
Megane eVision ќе биде претставен во текот на оваа година и е еден од столбовите на иднината на Renault во Европа
Станува збор за првиот модел на Renault базиран на модуларната платформа CMF-EV. За концептниот автомобил (Renault Megane eVision concept) беа користени батерии од 60 kWh, но автономијата со едно полнење остана непозната.
Како потсетување, Renault објави дека електричниот Megane, кој не е и нема да биде замена за конвенционалниот модел, туку засебен автомобил, ќе го претстави кон крајот на оваа година. Врз основа на концептот, јасно е дека идниот новитет на батерии не е стандарден хечбек, туку кросовер.
А увид во тоа како би можел да изгледа, ни дава рускиот автомобилски сајт www.kolesa.ru кој на свој веќе препознатлив начин создал нови рендери за претстојниот новитет во гамата на Renault. Дизајнерот направил некои промени во споредба со концептниот модел виден во октомври минатата година.
За почеток, тоа е поинаква светлосна групација напред, каде фаровите добиле поконвенционален изглед, но задржана е широката LED-лента, која заедно со новото лого на Renault доминира на предницата. Концептот имаше камери наместо стандардни ретровизори, решение кое не е легално насекаде, па дизајнерот се одлучил на овој рендер да му даде традиционални „огледала“.
Страничниот и задниот поглед не откриваат многу промени во однос на идејното решение. Рачките за отворање на вратите останале скриени, кое е решение што дава одредена доза на елеганција на целиот автомобил.
Главниот ривал за Megane EV треба да биде VW ID.3.