Електричниот Mustang пристигна во Европа / ФОТО+ВИДЕО
На фотографиите се примероци наменети за клиенти во Норвешка, земјата со најмногу електрични возила по глава на жител во Европа
Возилата прикажани на фотографиите, сепак, не се првите кои пристигнуваат во оваа скандинавска земја. Имено, првиот човек на Ford Norway, Пер Гунар Берг, уште во септември се провозил со Mustang Mach-E од Осло до Трондхајм во промотивни цели, минувајќи го патот од 484 километри без да застане.
Кога пристигнал на крајната дестинација, индикаторот за капацитетот на батеријата на автомобилот покажал 14% капацитет. На овој начин, Берг сакал да покаже колку е автономијата на овој модел во реални услови.
Европската верзија на Mustang Mach-E беше презентирана во февруари оваа година. Според фабричките податоци, автономијата на автомобилот е 600 км, мерен според циклусот WLTP, а станува збор за верзија со погон на задните тркала.
Од Ford велат дека автомобилот може да се полни на брзи полначи IONITY со моќност од 150 kW, што гарантира дека по 10 минути полнење на батеријата, возилото може да помине уште 100 км.
Ford Mustang Mach-E се произведува во Мексико.