Американскиот претседател Доналд Трамп ги укина стандардите за заштита на животната средина во однос на автомобилите, воведени од неговиот претходник, Барак Обама

Според сегашната „републиканска“ администрација, нормите наметнати од тимот на демократите на Обама, биле премногу високи

Одлуката за укинување на еко-стандардите е објавено од шефот на федералната Агенција за животна средина, Скот Прут, според чие мислење нормативите поставени од администрацијата на Обама не се реални и одлуката била избрзана.

„Од политичка загриженост, претходната администрација значително го скрати времето за развој на еколошки стандарди, кои ја регулираат потрошувачката на гориво и нивото на емисии кога станува збор за автомобилите. Овие вредности се базираат на претпоставки, а не на длабински студии и анализи и се премногу строги“, вели Прут.

Воедно Прут на американската јавност и вети дека агенцијата која ја води ќе создаде нов национален стандард за стакленички гасови со кој ќе им овозможи на производителите на автомобили да произведат такви модели кои ќе бидат достапни за луѓето. Засега е непознато кога новите стандарди ќе бидат подготвени.

Скот Прут ги критикува и властите во Калифорнија, кои дополнително вовеле повисоки вредности за потрошувачката на гориво и емисиите на гасови од автомобилите.

Оваа одлука на Трамп и неговата администрација е подржана од Алијансата на производители на САД. Членките на оваа организација произведуваат околу 77% од автомобилите на американскиот пазар.