Еден од најсимпатичните концепти некогаш
Потребна е само една минута торбата од 32 килограми да се претвори во возило
Почетокот на 90-тите години на минатиот век меѓудругото е време кое се бележи како добро време за Mazda. Со MX-5 јапонската компанија има глобален хит, а во 1991 година исто така го освојува 24 часа Ле Ман со прототипот 787B со Wankel погонска единица. Истата година раководителите на Mazda осмислиле интерен натпревар за нивните оддели, а идејата била да се создаде необично возило.
Седум инженери во одделот за тестирање и развој на рачните менувачи, создале симпатичен концепт, трицикл кој се отвора од патна торба. Идеја била „возилото“ да се искористи на излезите од аеродромите или железничките станици. Идејата во Mazda била толку добро прифатена, што биле направени уште два прототипа.
Моторот е 1-цилиндерски, со волумен од 0,33 литри, двотактен со 1,7 КС – доволно за брзина од 30 km/h и до денес е најбрзата торба за патување, кажано во шега. Потребна е само една минута торбата од 32 килограми да се претвори во возило. Еден прототип е сè уште во возна состојба, а Mazda опсесивно го чува.