Безпилотното летало или дрон, Skydio R1, може да го следи секој ваш чекор и да сними фасцинантен материјал

Ако отсекогаш сте сакале да направите акциска снимка додека возите велосипед по падина или трчате низ шума, а не сте биле подготвени да одвоите стотици евра за професионален снимател и опрема, можеби Skydio R1 е решението за вас.

Станува збор за дрон кој лета самостојно и го снима секој ваш чекор. Патем е внимателен да не удри во дрво или друг минувач, но и да не ве загуби од вид.

Дронот користи дури 13 камери, GPS и цел опсег на сензори за да ја мапира околината и да се обиде да го предвиди движењето на субјектот што го следи. Комбинацијата на вештачка интелигенција, компјутерски вид и напредна роботика овозможува дронот да го мапира и интерпретира светот во 3D. Всушност, технологијата што ја користи е многу слична на онаа во автономните возила.

За дронот, како куче, да го следи секој ваш чекор, доволно е при лансирањето да ја активирате апликацијата Skydio, да го одберете лицето кое треба да се следи и останатото да го препуштите на дронот.

За оние кои сепак сакаат контрола, со дронот е можно да се управува и преку апликација за паметни телефони. Дронот има 64GB внатрешна меморија, а максималната брзина што може да ја постигне со своите четири мотори е импресивни 40 километри на час.

Сите снимки може да се споделат на социјалните мрежи веднаш штом дронот ќе слета и податоците односно снимките се пренесат на мобилен телефон.

Сепак, ова чудо на технологијата, на кое во Skydio работеле четири години, не е евтино. Основната верзија е 2500 долари и може да се нарача на официјалната веб-страница на Skydio.