Дополнето: Fiat-Chrysler и Peugeot-Citroen и официјално се споија
Fiat-Crysler Automobile (FCA) и Peugeot-Citroen Alliance (PSA) објавија дека нивните одбори на директори потпишале обврзувачки договор за спојување на двете автомобилски групи, создавајќи го четвртиот по големина производител на автомобили во светот
Вредноста на зделката е дури 50 милијарди долари, а трансакцијата ќе биде завршена во наредните 12 до 15 месеци, се вели во известувањето издадено од двете компании.
PSA и FCA најавија дека со новиот ентитет ќе управува управен одбор од 11-члена. Секоја компанија ќе даде по пет члена, додека едно место е за извршниот директор, а тоа ќе биде Карлос Таварез. Првиот мандат на Таварез ќе трае пет години. Покрај тоа, договорот предвидува помеѓу 11-те члена на одборот да седат и претставници на синдикатите.
Соединувањето се предвидува да заштеди 3,7 милијарди евра на годишно ниво за двата производители. Сепак, оваа бројка се очекува да се зголеми со зголемувањето на синергијата на PSA и FCA.
Со спојувањето, FCA и PSA стануваат четвртиот најголем светски производител на автомобили на годишно ниво. Пред нив се Toyota Motor, VW Group и алијансата Renault-Nissan, која е на стаклени нозе во последната година.
Новоформираната компанија ќе спои и две познати семејства кога станува збор за автомобилската индустрија. Торинскиот клан Анјели, во моментов предводен од Џон Елкан, и семејството Пежо од Франција.
Сеуште не е донесена ниту одлука за името на новата компанија.