Добро е да се знае: Дали бензинот и дизелот имаат рок на траење?!
Ако горивото се чува во наменски резервоари, кои имаат можност за одржување и дренажа, се препорачува бензинот да се чува до две години, додека дизел горивото може да се чува до шест месеци
Еден од обичаите на овие простори е да се складира гориво во канистри, а истите да се остават во гаражи, шупи или слични места. Ако ги прашате луѓето од нафтените компании, одговорот што ќе го добиете е следен.
Бензинот и дизел горивото се чуваат во строго наменски резервоари, обележани според важечки прописи на секоја држава. Складирањето во несоодветни резервоари, покрај загрозувањето на здравјето и животот на луѓето, може да доведе до деградација на квалитетот и проблеми при користење на таквото гориво. Ако горивото се чува во наменски резервоари, кои имаат можност за одржување и дренажа, се препорачува бензинот да се чува до две години, додека дизел горивото може да се чува до шест месеци. Кондензација на вода во резервоарите може да се појави поради големи разлики во температурата на околината, а можен е развој и на микробиолошка контаминација. Значи, складирањето на гориво во несоодветни услови, особено во канистри и подрумски услови може да го расипе, а дизелот е поподложен на тоа. Ако не е од суштинско значење за вас, не создавајте залихи на гориво во гаражи, бидејќи пред се е лесно запалив материјал, а стоењето подолго влијае и на неговиот квалитет.