Доаѓа новото Porsche GT3 со 510 КС / ФОТО+ВИДЕО
Иконата на Porsche, 911 GT3, влегува во нова 992 генерација
Новиот модел е опишан како „врвен атлетски сериски автомобил за возење со високи перформанси на тркачката патека, избалансиран во однос на барањата за секојдневна употреба“.
Како и кај претходните GT3 модели, така и сега Porsche Motorsport бил инволвиран во развојот на овој автомобил, овојпат давајќи му „чиста тркачка технологија, во поголема мера од кога било досега“.
Во овој поглед, генерацијата 992 GT3 е украсена со традиционален, „високотуражен“ 4.0-литарски боксер мотор, помоќен од кога било во историјата на овој модел. За да може целиот пакет да биде комплетен, имплементирани се аеродинамички и технолошки подобрувања, па затоа времето на Нирбургринг под помалку од 7 минути не треба да изненадува. Исто така, задржана е опцијата во форма на рачен менувач.
Новиот GT3 911 профитира од обемните подобрувања на каросеријата, пред се за да се постигне подобра аеродинамика и ладење. Најзначајната промена е задното крило во форма на „врат на лебед“, варијација на темата на решението од тркачкиот 911 RSR.
Крилото е рачно прилагодливо и комбинирано со изразен дифузер, кој исто така може да се прилагоди на позицијата „Performance“ за да се постигне поголем вертикален аеродинамичен притисок. Од Porsche тврдат дека овој режим е резервиран „строго за возење на тркачка патека“.
Другите видливи промени од стандардниот 911 992 вклучуваат подлабок преден браник со порамни страни за подобра аеродинамика и голем централен отвор за воздух, како дополнение на дополнителните отвори за подобар проток на воздух низ предната хауба. Дополнителна опција, особено достапна за GT3, е покрив направен од јаглеродни влакна.
Преку палетата на Porsche Exclusive, достапни се низа опции, вклучително и облоги со ретровизорите од карбонски влакна, затемнети фарови, редизајниран кластер на задната сигнална група и „Guards“ црвена или „Sharks“ сина ивица на бандажите.
Како и сите други 992, новиот GT3 е достапен исклучиво во проширена каросериска верзија. Димензиите допрва треба да бидат откриени, но и покрај зголемувањето на ширината и дополнителната технологија во споредба со претходникот, тежината останала на 1.418 килограми (во комбинација со 6-степен мануелен менувач), или 1.435 килограми кога се наоѓа 7-степен PDK менувач.
Употребата на пластика зајакната со јаглеродни влакна (CFRP) за предната хауба, стаклото со помала тежина, „оптимизираните“ дискови за сопирање и лиени бандажи, покрај полесниот капак на задниот оддел, се клучни причини зошто новитетот е само 5 килограми потежок од неговиот помал претходник.
Тоа не е сè, бидејќи е олеснет и издувниот систем, што заштедува 10 килограми тежина, со прилагодливи клапни кои овозможуваат „звук што буди емоции“.
Шест цилиндерскиот боксер со зафатнина од 4.0-литри е адаптирана верзија за цивилна употреба од тркачкиот GT3, „практично непроменета“ во споредба со онаа што ќе се користи кај GT3 Cup, велат во Porsche.
Со 510 КС, има иста моќ како 911 Speedster, односно 10 коњски сили повеќе од 991, втора генерација GT3. Може да забрза до максимум 320 km/h (318 km/h со PDK), што е повеќе од претходниот GT3 RS. Забрзува до „стотка“ за 3,4 секунди. Овој мотор, како и досега, е способен да „врти“ до 9000 вртежи во минута.
Секако, 992 GT3 има значително модифицирана предна суспензија, инспирирана од мото-спорт решенија, така што за прв пат користи двојни попречни рамења. Во меѓувреме, задната оска се одликува со модифицирана мултилинк поставка од стандардниот 992 со систем за погон на задните тркала.
Дисковите за сопирање од 408 милиметри напред и 380 милиметри одзади се задолжени за забавување и запирање. Porsche допрва треба да открива детали во врска со опционалниот карбон-керамички систем.
Стандардни тркала се оние со 20 инчи напред и 21 инчи позади, со Michelin Pilot Sport Cup 2 и димензии 255/35 напред и 315/30 назад. 911 GT3 може да се нарача и со опционални, тркачки гуми Michelin Cup 2 R.
Новиот 911 GT3 дели скоро целосна архитектура на кабината со останатите 992 модели, и покрај задолжително отстранување на задните седишта и намалување на звучната изолација. Сепак, елиминирањето на климатизацијата веќе не е опција.
Се разбира, алкантарата е сеприсутна, а има заштитен полу-кафез. Исто така, треба да се забележи една значајна промена од стандардните модели 992: рачката на менувачот. Наместо електронски селектор, GT3 опремен со менувач PDK има рачка, скоро идентична со онаа на рачниот менувач.
Друга нова опција е „екранот за патека”. Кога ќе се активира, се редуцираат прикажаните информации на двата дигитални дисплеи лоцирани од двете страни ни централниот обртомер, како што се притисокот во гумите, притисокот и температурата на маслото, температурата на водата и нивото на горивото.
Првите испораки на новиот 911 GT3 ќе започнат во мај, пред премиерата на верзијата Touring.