Швајцарија прва во Европа ќе воведе данок по изминат километар за да ги компензира приходите од акцизата за горива

Релативно поевтиното полнење и даночните попусти се главните предности на електричните автомобили во однос на конвенционалните автомобили и до одреден степен со тоа се компензира нивната многу повисока стартна цена. Но, крајот на овие придобивки веќе се наѕира – Швајцарија ќе стане првата европска земја што ќе воведе вонреден данок за електричните возила.

Во иднина, сопствениците на електрични автомобили во Европа ќе се чувствуваат како да се во такси. Од гледна точка на одржување на патиштата, пак, данокот по километар е поправеден – тој што повеќе ги користи и амортизира патиштата, плаќа повеќе

Владата во Берн потврди дека работната група во Министерството за транспорт веќе добила задача да подготви предлог за таков данок и да го претстави до крајот на годината. Стапката ќе се заснова на поминатите километри, а веројатно ќе се множи со дополнителен фактор според класата и тежината на конкретниот автомобил. Сепак, пред да биде воведен, ќе треба да биде одобрен на референдум од швајцарските граѓани.

Со масовното воведување на електрични автомобили, владите во Европа губат еден од главните извори на приходи – акцизата за горива, така да се чини дека воведувањето данок за електричните автомобили, најверојатно врз основа на поминатата километража, е неизбежно. Слична опција веќе се разгледува во Велика Британија и неколку земји од ЕУ.

Во Швајцарија, приходите од акцизи се пренасочуваат директно на одржување на патната мрежа. По бумот на електричните автомобили во последните две години, овие приходи веќе почнуваат да се намалуваат. Планот на властите е компензаторниот данок да се воведе од 2030 година.