Некои од земјите на ЕУ веќе планираат да ја прекинат продажбата на нови автомобили со внатрешно согорување на нивниот пазар, па така на пример Белгија, Данска и Холандија тоа треба да го сторат тоа до 2030 година

Според бројни европски медиуми, вчера холандската амбасада во белгискиот главен град Брисел доставила неофицијален документ до Европската комисија, т.н. non-paper, со посебна содржина. Со него, девет земји од ЕУ бараат да се одреди точен датум за прекин на продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување во Европската унија.

Интересно, овие девет земји, во кои спаѓаат Австрија, Белгија, Данска, Грција, Малта, Холандија, Ирска, Литванија и Луксембург, не припаѓаат на земјите познати по развиена автомобилска индустрија, доколку воопшто и ја имаат. 

Интересно е и тоа дека државите-потписници се залагаат за подобра инфраструктура за полнење на електрични автомобили и значително построги стандарди за емисија на јаглерод диоксид (CO2). Од Европската комисија исто така се бара да даде предлози за тоа како да се ограничи „извозот“ на користени автомобили кои не се климатски прифатливи во рамките на ЕУ. Последново се однесува особено на извозот на користени автомобили со мотори со внатрешно согорување од Германија, најголемиот автомобилски пазар во Европа, во земји како Полска. Де не зборуваме за тоа колку многу користени автомобили од побогатите земји на ЕУ, особено оние со силна автомобилска индустрија, завршуваат во земјите од Балканот.

Некои од овие земји-членки на ЕУ потписнички на овој неофицијален документ веќе планираат да стават крај на продажбата на нови автомобили со внатрешно согорување на нивниот пазар, така што Белгија, Данска и Холандија утврдуваат дека тоа ќе биде од 2030 година. Во Норвешка, која не е земја-членка на ЕУ, и која е водечка земја според процентот на продажба на нови електрични автомобили, веќе утврдија дека тоа ќе се случи веќе во 2025 година. Франција ќе ја ограничи продажбата на автомобили со класични мотори до 2040 година, како и Велика Британија. Од оваа година, таа веќе не е членка на ЕУ. Дури и Германија, како најсилна автомобилска индустрија во Европа, веќе не е толку загрижена за долгорочно одложување на датумот на укинување на продажбата на такви автомобили, а некои германски политичари дури и се залагаат тоа да биде веќе во 2035 година.

Како стои Македонија по ова прашање? Смешно е дури и да се споменува тоа. Барем засега никој и не помислува, или барем така изгледа, за некакви датуми, планови за приближување до европските стратегии, стандарди… Овде се чини најлесно е да се каже само „далеку сме ние од тоа“.

До лето, Европската комисија сака да претстави конкретни планови за тоа како планира да ја постигне целта договорена од земјите-членки, да ги намали емисиите на стакленички гасови за 55 проценти до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година. И тоа е значително зголемување на првично планираното намалување на емисиите од 37,5 проценти за производителите на автомобили до 2030 година.