Десет години по „пензионирањето“, Wankel моторот се врати! Ќе обезбедува дополнителен опсег на актуелната Mazda MX-30
Со додавањето на Wankel се намалува и батеријата во MX-30, кој од чисто електричен автомобил се претвора во сериски plug-in хибрид
35 години по смртта на Феликс Ванкел и десет години по „пензионирањето“ на Mazda RX-8, Wankel моторот се враќа во патничките автомобили.
Сепак, не како единствен погон – Wankel ќе се користи во Mazda MX-30 за проширување на опсегот, во изведба e-Skyactiv R-EV.
Со додавањето на Wankel, се намалува и батеријата во MX-30, кој од чисто електричен автомобил се претвора во сериски plug-in хибрид.
За возврат, има поголем вкупен досег од претходно „подносливите“ 200 километри. Додека тркалата се придвижуваат само со електричен мотор, новоразвиениот Wankel обезбедува дополнителен опсег.
Моделот за прв пат е биде претставен на Саемот за автомобили во Брисел (од 13 до 22 јануари), а нарачките во салоните на Mazda ќе започнат од 1 февруари.
Клучниот дел од системот R-EV е новоразвиениот ротационен клипен мотор со еден диск (тип на мотор 8C, вкупна ширина помала од 840 mm) со волумен на комората од 830 cc. Има два странични влеза, максимална моќност од 75 КС (55 kW) и работи на директно вбризгување на бензин и висок сооднос на компресија од 11,9:1. Максималниот вртежен момент е 116 Nm при 4.000 вртежи во минута, електричниот мотор произведува 260 Nm.
Меѓутоа, инаку технички идентичната литиум-јонска батерија е намалена од 35,5 kWh во целосно електричниот MX-30 на само 17,8 kWh во Wankel изведбата. Според спецификациите од Mazda, WLTP опсегот е 85 километри, а потрошувачка на енергија 17,5 kWh на 100 km. Резервоарот собира 50 литри гориво, а R-EV треба да може да помине вкупно растојание од над 600 километри.