Градот Скопје денес од 18 часот ќе ја затвори за сообраќај улицата Димитрија Чуповски на „Рекорд“, а од 19 часот ќе организира дружење на граѓаните со интересни  содржини – поставување маси и клупи, освежување, детски реквизити и забава.

Оваа Велофиеста е дел од активностите на четвртиот ден од Европската недела на мобилност 2019, неделата посветена на алтернативните форми на транспорт.

,,Дојдете заедно да го почувствуваме отворениот простор и да видиме како ќе изгледа Малиот Ринг во иднина, ослободен од моторизиран сообраќај. Донесете ги и своите деца, ќе има многу забавни содржини и за нив и за возрасните”, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Активностите на Европската недела на мобилност 2019 се организираат под мотото „Пешачи со нас“. Партнер на Градот Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар“, а во организирањето на многубројните активности учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, неколку скопски општини, средните училишта и центрите на култура на Град Скопје, GIZ, Црвен крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонска велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други.