Дефинитивно 911, дефинитивно турбо, дефинитивно ново: Porsche 911 Turbo S / ФОТО+ВИДЕО
Новиот Porsche 911 Turbo S дебитираше во купе и кабриолет верзија, со мотор од 650 КС
Производителот со седиште во Штутгарт објави фотографии и технички детали од најновата генерација на 911 Turbo S, која е најмоќната и најбрзата досега.
Веќе на прв поглед, Турбо S укажува дека станува збор за вистински „ѕвер“. На тоа укажува многу помускулестиот изглед на надворешноста на автомобилот споредено со стандардната верзија на Porsche 911, која кулминира во задниот дел на возилото со голем, подвижен спојлер и масивен дифузер од кој излегуваат две симетрично поставени издувни цевки.
Крилото на спојлерот се издолжува во зависност од брзината на автомобилот и со помош на предните аеродинамички елементи, го обезбедува потребниот downforce при големи брзини за да автомобилот остане „залепен“ на асфалтот.
Иако новиот 911 Turbo S тежи 50 кг повеќе од неговиот претходник, дополнителната маса лесно се компензира со помоќниот погон.
Автомобилот се напојува со нов 6-цилиндерски 3.8-литарски твин-турбо во конфигурација „боксер“, а спарен е со автоматски 8-степен менувач со двојна спојка. Максималната моќност на моторот е 650 КС, или 70 КС повеќе од неговиот претходник, додека максималниот вртежен момент е 800 Nm.
Доволно за 911 Turbo S од мирување до 100 km/h забрза за само 2,7 секунди, и да достигне 200 km/h за нешто повеќе од 9 секунди. Максималната брзина е 330 km/h.
Моќноста стандардно се пренесува на сите четири тркала, а стандардни елементи од опремата се и активниот систем за суспензија и управувувањето на сите тркала.
Кога станува збор за тркалата, за прв пат 911 Turbo S ги „меша“ димензиите на тркалата – напред се 20-инчни, а позади 21-инчни. Предните гуми се 255/35, додека задните се 315/30.
Објавени се и цените за американскиот пазар, каде 911 Турбо S Coupe ќе чини 203.500 американски долари, а Cabriolet верзијата 16.300 долари.
Моделот во автомобилските салони пристигнува во втората половина од годината.