Дали „Ѕверот“ преминува на електрична енергија? Џо Бајден размислува за ново службено возило
Секретарката за печат на Белата куќа, Џен Псаки, за новинарите изјави дека претседателот Бајден сака електрични автомобили во неговата флота што е можно поскоро.
„Тоа секако е нешто за што зборуваше претседателот. Тоа навистина е една од неговите цели“, вели Псаки. Таа нагласува дека се размислува за електрифицирање на претседателскиот автомобил „Ѕвер“ односно The Beast, кој сега е со дизел погон.
Конструирањето електричен претседателски автомобил ќе биде голем предизвик. Лимузината е најтешкиот блиндиран патнички автомобил во светот. Ова ја зголемува неговата тежина на повеќе од осум тони. За да се добие доволно електричен опсег, претседателскиот автомобил треба да има огромен пакет батерии – доколку се најде доволно простор за инсталација. Патем, „Ѕверот“ е создаден на шасијата на пикап, а за производство е задолжен General Motors.
Бајден неколку пати има изјавено дека сака да победи на конкуренцијата со Кина во областа на електричните возила. Тој е вознемирен што 80 проценти од производствениот капацитет на батерии сега е во Кина. Проширувањето на електричните автомобили е дел од неговата економска и енергетска стратегија.