Дали воздушните перничиња во автомобилите имаат рок на употреба?!
Кај новите автомобили рок нема, а ако имате возило произведено во осумдесеттите или почетокот на деведесеттите – треба да проверите
Во опремата за безбедност на автомобилите, воздушните перничиња се еден од клучните елементи. Досега спасиле стотици илјади возачи, совозачи и патници на задните седишта и во интерес на сите тие треба да бидат функционални. Но дали воздушните перничиња имаат рок на траење? Кога производителите на автомобили почнаа да поставуваат воздушни перничиња, пред околу четириесет години, рокот на траење беше јасно дефиниран. Најчесто тоа би било 10 или 15 години.
Сепак, производителите како Honda во раните 1990-ти советуваа да се проверуваат воздушните перничиња на секои 10 години. Од Mercedes, пак, заклучиле дека воздушните перничиња што ги произвеле по 1992 година ќе бидат функционални во текот на целиот животен циклус на автомобилот. Напредокот во технологијата на модули на воздушните перничиња обезбедува нивна доживотна, функционална сигурност. Компонентите на воздушните перничиња се исклучително издржливи. Клучната разлика е во типот на заптивката што се користи за сместување на активаторот на воздушното перниче. Новите автомобили користат комбинации на стакло и метал, а пред тоа беше комбинација од пластика и метал, што создаваше повеќе влага и влијаеше на функционалноста на активаторите. Ова може да доведе до корозија на електричните иглички во уредот за палење и потенцијално да доведе до проблеми со воздушните перничиња.
Значи, нема рок за новите автомобили, а ако имате возило што е произведено во осумдесеттите или почетокот на деведесеттите – проверете го! Во секој случај, без разлика на староста на возилото, не би било лошо да проверите во книгата на возилото што пишува за воздушните перничиња.