Никогаш не чекајте на првиот мраз и снег

Кога да ги замените летните гуми со зимски? Ова прашање секоја година повторно и повторно си го поставуваат возачите. Последните неколку дена температурите се во пад, особено наутро и навечер, но за викендот времето беше сончево. 

Се поставува прашањето – што да се прави? Дали да се врши промена или не? Дали промената да се направи и пред пропишаниот законски рок? Да потсетиме. Од 15 ноември до 15 април, употребата на зимски гуми е задолжителна. 

Она што треба да го знаете е дека летните гуми ја губат својата намена само со мала промена на температурата. Така, дури и на температури под 7оС, тие ја губат еластичноста и способноста за подобро лежење на подлогата, ја намалуваат стабилноста на возилото и значително го зголемуваат растојанието за сопирање, со што се зголемува можноста за несреќи на патот. Од таа причина, некои експертите предлагаат да се стават зимски гуми на автомобилот веќе на крајот на септември.

Кога менувате гуми, од исклучително значење е сите четири гуми да бидат од ист производител за да не ги компромитирате возните карактеристики на возилото и внимателно да ги проучите препораките од производителот. Во случај гумите што ги користите на автомобилот да се премногу различни, тие можеби нема да реагираат доволно брзо, што може да го отежни управувањето во зимски услови. Иако зимските гуми ги користиме само три до четири месеци годишно, препорачливо е да ги смените гумите дури и ако сте поминале помалку од 60.000 километри со нив. Бидејќи толку долго ќе се „дружите“ со нив, при купувањето, не се водете пред се од цената. Квалитетот на купената гума мора да биде на прво место затоа што само таа ја гарантира безбедноста на вас и вашите сопатници, но и другите учесници во сообраќајот.