Големите разлики помеѓу податоците на производителите и мерењата на германскиот клуб ADAC понекогаш се должат на фактот дека некои производители просторот за резервна гума го додаваат на волуменот на багажникот

Германскиот автомобилски клуб ADAC спровел големо истражување и дошол до заклучок дека производителите на автомобили погрешно ја обележуваат големината на багажникот на своите автомобили. На пример, багажникот на Volkswagen Sharan е дури 325 литри помал од наведеното. Вакво нешто се среќава и кај другите производители.

Volkswagen прокламира 955 литри багажен простор за Sharan, но мерењата на ADAC покажуваат дека капацитет е само 630 литри. Кај Volvo XC90, има повеќе од 240 литри разлика помеѓу спецификациите на производителот и практиката. Разликите се прилично мали за моделите од поевтиниот сегмент. На пример, багажникот на Dacia Duster е само четири литри помал од фабрички наведениот.

Според ADAC, претерувањето главно се случува кај поскапите модели каде производителите на автомобили великодушно ја заокружуваат големината на багажникот. Разликите се помали кај компактните автомобили или седаните отколку кај теренците и комбињата. Најмалите модели, како Toyota Aygo, понекогаш имаат поголем багажник отколку што е наведено од производителот.

Големите разлики помеѓу податоците на производителите и мерењата на германскиот клуб ADAC понекогаш се должат на фактот дека некои производители просторот за резервна гума го додаваат на волуменот на багажникот. Затоа се препорачува потрошувачите да ги земаат податоците на производителот само како насока и секогаш да проверат дали важни, поголеми предмети, како на пример, детска количка се вклопува во багажникот пред да го купат автомобилот.