Пандемијата на корона вирусот ни ги смени животот и животните навики од корен. На сето тоа не останаа имуни ниту познатите големи светски настани. Еден од нив е и Женевскиот автосалон кој секоја година се одржува(ше) на почетокот од месец март

Од спомени не се живее, па сите полека се прилагодуваме на „новата“ реалност, а која меѓудругото ја доведе или поточно кажано веројатно ја забрза лошата судбина на саемите за автомобили. Оваа година, ќе речат виновна е пандемијата, но факт е дека автомобилските саеми или салони, повеќе не се привлечни како што беа некогаш. Ниту за обичниот посетител, па ниту за медиумите.

Автомобилите можат да бидат претставени преку Интернет, од тоа може да се направи одлично шоу, а притоа и да се заштедат пари. 

Дали Женевскиот саем е еден од настаните кои ќе преживеат, барем како што најавија од организаторот?!

Идејата е саемот да трае три дена и да биде отворен само за медиумите, но не и за потенцијалните купувачи и обожаватели. Колку ќе биде интересен за производителите на автомобили? Трошоците за ваков настап не се големи, но придобивките се исто така под голем знак прашалник.

Презентацијата на нови модели на саеми има голем шарм, но „математиката“ е сепак клучна. Саемските настапи чинат многу. Премногу. А ефектот… под знак прашање.