Дали е можно да биде забранета продажбата на Mercedes во Германија?
Nokia го доби Mercedes на суд, а тоа отвора голем број на можности
Судот во Манхајм, Германија, донел пресуда во корист на финската компанија која го тужеше Mercedes за кршење на правата на интелектуална сопственост и неовластено користење на нивните патенти. Со оваа пресуда Nokia ќе добие процент од продажбата на секој автомобил, a доколку Mercedes не се сложи, на Nokia и е овозможено да побара забрана за продажба на новите автомобили на Mercedes во Германија, пишува Bloomberg.
Тоа е малку веројатно да се случи, а за тоа постои и предуслов. Nokia треба да подигне нова судска постапка и да даде кауција од дури 7 милијарди евра за извршување. Имено, според германските закони, кауцијата е неопходна затоа што сопственикот на патент е одговорен за загубите на обвинетиот доколку забраната стапи на сила. Затоа, ако тужбата се поднесе и прифати, тоа би значело забрана за продажба на Mercedes во Германија.
„Не можеме да ја разбереме пресудата на судот во Манхајм и ќе поднесеме жалба“, велат од Daimler, каде се убедени дека нема да има забрана за продажба на нивните возила.
Според Reuters, Nokia добива околу 1,4 милијарди евра годишно од лиценци. Станува збор за патенти неопходни за е-поврзување на возила и автономни системи за возење. Добавувачите на Mercedes, како Continental и Bosch се на страната на Mercedes, но има и такви кои решиле да и платат на Nokia и сега се на страната на Финците. Технологијата, која е предмет на спор помеѓу Nokia и Mercedes-Benz, ја користат и други германски производители на автомобили, вклучувајќи ги Volkswagen и BMW.