Истражувањето на консултантската куќа Horváth, укажува на оптимизам поради големата побарувачка за сите видови возила, и нови и користени

Автомобилската индустрија во моментов профитира од високите цени на автомобилите, а во текот на наредната година се очекува продажбата да се зголеми за 7,5 отсто, објави консултантската компанија Horváth врз основа на спроведено истражување.

Автомобилската индустрија гледа оптимистички кон 2023 година, во која се очекува значителен раст на продажбата, се вели во соопштението за печат на споменатата консултантска куќа, со дополнение дека менаџерите од автомобилскиот сектор проценуваат дека растот на продажбата во следната година ќе биде поголем од просекот на другите индустрии и ќе се движи околу 7,5 проценти. Истражувањето е спроведено во 18 земји.

Марија Болдор од консултантската фирма Horváth укажува на оптимизам поради големата побарувачка за сите видови возила, нови и користени.

„Доколку се намалат тесните грла во синџирите на снабдување, реално е да се очекува висок раст на продажбата од 7,5 проценти во наредната 2023 година. Сепак, без оглед на сите тешкотии, производителите на возила и оваа година остваруваат високи профити поради поголемите продажни цени“.

Автомобилската индустрија брзо закрепна по пандемијата, па веќе во 2021 година е забележан натпросечен раст на продажбата од 15,5 отсто. Продолжувањето на ваквиот брз раст беше спречено од проблемите во синџирите на снабдување, но зголемувањето на цените на автомобилите и овозможи на индустријата релативно удобна позиција.

„Недостигот на материјали, особено полупроводници, негативно се одразува на продажбата, па оваа година се очекува раст на продажбата од само пет проценти, што е значително помал од другите индустриски сектори“, вели Болдор.

Поради сето ова, оптимизацијата на трошоците и приходите останува високо на приоритетната листа на менаџерите во автомобилската индустрија, кои продолжуваат со забрзана работа на дигитална трансформација, еколошка одржливост и е-мобилност, се вели во соопштението за медиумите.