Дали би се возеле во самовозечко такси?
Технологиите за самовозечки автомобили веќе подолго време се тестираат на јавни патишта и полигони низ целиот свет, но се чини дека ќе помине барем уште една деценија пред овие возила да станат реалност во сообраќајот
Автомобилите без возач сигурно ќе бидат наша реалност еден ден, но некои од луѓето кои работат на овие технологии сметаат дека тоа нема да се случи толку брзо како што некој можеби мисли.
Меѓу нив е и првиот човек на ZF, Волф-Хенинг Шајдер, кој верува дека ќе поминат најмалку десет години пред самовозечките автомобили да станат реалност на патиштата. Шајдер тврди дека ова се заснова на искуството што неговата компанија досега го стекнала во развојот на технологијата за самовозечки автомобили.
„Јас сум малку скептичен во однос на некои најави што сме ги чуле – дека самовозечките автомобили ќе се појават на патиштата за една година. Од наша перспектива, ќе поминат најмалку уште неколку години по тој рок“, вели Шајдер.
Тој најавува дека неговата компанија, која е една од водечките добавувачи на делови во автомобилската индустрија, во 2021 година ќе започне со тестирање на таканаречено самовозечко такси во рамките на комплексот од аеродромот во Брисел. Шајдер верува дека, чекор по чекор, технологијата дополнително ќе се развива и еволуира во целосно автономен урбан систем за возење, но не пред 2030 година, што според шефот на ZF и не е толку лошо.
Подолгото време за имплементација на автопилот технологијата при секојдневно возење може да има позитивен ефект затоа што луѓето постепено ќе се прилагодуваат на самовозечките автомобили за да во нив се чувствуваат поудобно.
Според него, скептицизмот и двоумењето кон автомобилите без возачи и натаму се присутни во јавноста.
Меѓу првите гранки на економијата, покрај транспортната индустрија, кои ќе започнат да користат самовозечки автомобили ќе бидат такси службите, како и car-sharing сервисите.
Трендот на воведување возила без возач во сообраќајот го поттикнуваат компании како што е Uber, кои сакаат да ги намалат своите трошоци и да го зголемат профитот. Сепак, последниот збор ќе биде на корисниците на услугата, односно обичните луѓе кои треба да се согласат да седнат во такси или автомобил на Uber управуван од компјутер.