Упатените во индустријата се сеќаваат на приказната од пред неколку години кога Ford и Volkswagen објавија дека влегуваат во големо партнерство во кое ќе си помагаат едни на други во развојот на новитети

На Volkswagen првенствено му беше потребна помош за новата генерација на моделoт Amarok, така што во иднина тој ќе биде само препакуван Ford Ranger, додека Американците сакаа делење на платформата поради помалите патнички и комерцијални модели, како и оние на струја.

Пред нас сега е првата новина во заедничкиот бизнис на компаниите, а тоа е моделот Ford Tourneo Connect за кој не е тешко да се заклучи дека станува збор за Volkswagen Caddy но со нова значка.

Клиентите ќе можат да избираат помеѓу три нивоа на опрема – Sport, Titanium i Trend, а тука е и моделот Active со дополнителнa облога на каросеријата и карактеристични промени во дизајнот. Во понудата ќе има вкупно десет бои за надворешноста.

Ако некогаш сте седнале во новиот Volkswagen Caddy, кабината ќе ви изгледа позната поради минималистичкиот распоред на централната конзола и контролите за греење, климатизација и аудио системот, интегриран во инфозабавниот систем, кој го придвижува софтверот на Caddy. Стандардно, базниот модел доаѓа со 8,25-инчен екран, додека верзиите Titanium, Sport и Active се достапни со поголем 10-инчен екран. Дополнително е достапна и дигитална табла со инструменти од 10,25 инчи.

Под хаубата изборот вклучува 1.5-литарски турбо бензинец со 116 КС (85 kW) и 2.0-литарски дизел кој доаѓа во две варијанти – со 122 КС (90 kW) и 102 КС (75 kW). Ford ги нарекува EcoBoost, или EcoBlue, и тие во суштина се 4-цилиндерските TSI и TDI мотори на VW.

Сите модели се стандардно опремени со шестстепен мануелен менувач, додека дополнително е достапен и седумстепен автоматик со двојна спојка. Најголемата новина е што Tourneo Connect ќе биде достапен за прв пат со погон на сите тркала во помоќната дизел варијанта.

Оој модел никогаш не бил премногу популарен кај клиентите, а доказ за тоа е и бројката на продадени единици во Европа за минатата година – 34.000. Експертите веруваат дека бројката ќе биде значително помала во наредните години, бидејќи малкумина имаат причина да трошат пари на Tourneo Connect наместо Caddy, освен ако значката на Ford не е толку важна за некого.

Но, во исто време, трошоците на американската компанија сега се речиси непостоечки, така што секоја продадена единица ќе донесе речиси целосно чист профит, ослободен од трошоците за истражување и развој.