Bosch во 2021 година во Русија има продадено стока во вредност од 1,32 милијарди долари

Bosch ќе ја прекине работата во Русија поради загриженоста дека неговите делови биле користени за воени цели во тековната инвазија на Украина. Bosch објави дека ја прекинал испораката на компоненти за камиони до клиентите низ Русија додека истражува како се дистрибуираат овие делови. Auto News Europe известува дека добавувачот почнал да истражува како неговите делови биле користени во војната, откако украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека земјата открила дека делови од Bosch се користеле во руски воени возила.

Bosch соопшти дека ниту еден негов дел не бил доставен директно до производителот на руски воени возила, но се наведува дека обвинувањата на украинскиот министер за надворешни работи се сфаќаат многу сериозно и веднаш била покрената интензивна истрага.

Компанијата моментално вработува приближно 3.500 луѓе во Русија на три одделни локации и очекува да го прекине целото производство во своите фабрики. Bosch во 2021 година во Русија има продадено стока во вредност од 1,32 милијарди долари.

Одлуката доаѓа и откако германското Министерство за економија покрена истрага дали Bosch ја прекршил забраната за извоз на стоки што може да се користат за цивилни и воени цели. Откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, санкциите на Европската унија го ограничија извозот на стоки со двојна употреба.