Германскиот премиум гигант BMW е на чекор од потпишување на договорот за снабдување со металите литиум и кобалт, кои се клучни за производството на батерии за електрични возила

Договорот кој треба да го склучи BMW, на компанијата од Минхен ќе и обезбеди постојан доток на овие суровини во текот на следните десет години, пишуваат германските медиуми.

„Многу е важно нашите планови да не треба да зависат од снабдувањето со репро материјали“, вели Михаел Ребсток, ПР на компанијата.

Во последниве години, цената на литиумот и кобалтот е двојно зголемена поради брзиот развој на пазарот на електрични автомобили, а минатата година конкурентот на BMW, Volkswagen распиша тендер за петгодишно снабдување со кобалт.

Ребсток ги негира медиумските шпекулации дека BMW ќе купи повеќе од 100.000 тони кобалт. Овој метал како и литиумот не се така достапни како другите, на пример челикот, бакарот и никелот, што значително ги лимитира автомобилските производители, пред сè во напорите електричните возила да станат подостапни.

Повеќе од половина од светските залихи на кобалт доаѓаат од Демократска Република Конго, каде што околу 20% од рудата се рачно ископани, а честопати во рудниците работат и деца.