Претставници на баварскиот BMW соопштија дека компанијата ќе ги затвори сите фабрики во Велика Британија доколку Bregzit влијание на увозот на важни компоненти од другите европски земји

„Секогаш кажуваме дека правиме се за најдобро што можеме да се подготвиме за нови услови на работење, но ако синџирот на снабдување со клучните компоненти биде пореметен или ако деловите од увозот се запираат на граница, тогаш навистина нема да бидеме во можност да произведуваме во нашите фабрики во Велика Британија“, вели менаџерот на BMW, Стефан Фрајзмут.

Ова е досега „најмрачната“ изјава дадена од претставник на BMW за операциите во Велика Британија. На „островот“ BMW има четири фабрики. Фабриката на Mini во Оксфорд, Rolls-Royce во Гудвуд, фабриката за агрегати во Хамс Хол и фабриката за обработка на метали во Свиндон. Вкупно, во овие погони, работат повеќе од 7.000 луѓе.

Ова „предупредување“ од BMW доаѓа само неколку дена откако компанијата Airbus наведе дека ќе мора да ја напушти Велика Британија, ако Bregzit резултира нивните производи да станат неконкурентни.

Имено, повеќе од 80% од моделите на Mini и 90% од Rolls-Royce, од Велика Британија се извезуваат во други земји од светот, фабриката во Хамс Хол произведува агрегати кои потоа се испраќаат до фабриките на BMW во Германија, а околу 90% од деловите кои се користат во фабриките на BMW во Велика Британија се увезуваат од другите европски земји.

Фабриките за производство на автомобили го користат методот „во право време“, што во превод значи дека сите делови што се користат за производство на автомобили во фабриките доаѓаат само неколку часа пред да одат на склопување, а главна предност на овој метод е тоа што не се акумулираат делови и што трошоците за производство се пониски.

Сепак, Фрајзмут наведува дека BMW се уште е во потрага по решенија за проблемите кои би можеле да ги предизвика Bregzit затоа што, како што вели „ние не сакаме да се откажеме од нашите фабрики во Велика Британија“.