BMW и Volkswagen против стандардот Еуро 7: „Вака сакаат да го забрзаат крајот на автомобилите на бензин и дизел“!
Германските производители се на мислење дека трансферот на нова технологија е неостварлив за толку краток временски период под пристојни комерцијални услови
Големa бура предизвикаа најавите на Европската унија за новиот стандард за издувни гасови Еуро 7 за возилата во патниот сообраќај. Тој би се применувал од 2025 година, а целта е дополнително да ги намали емисиите на штетни гасови од новите возила. Конкретно, тоа значи инвестирање во нови технологии и покачување на цената на автомобилите за неколку илјади евра. Тоа нема да биде преголем проблем за купувачите на BMW X5 или Mercedes S-класа, но за оние чиј плафон се сведува на Dancia Sandero Stepway или сличен модел, дополнителни две илјади евра на цената за овој автомобил ќе бидат голем трошок.
Затоа Volkswagen и BMW го искористиле германскиот портал за автомобилска индустрија Automobilwoche како платформа за да го изразат своето длабоко несогласување со новите планови на Европската унија. Тие се остро против оваа одлука и се на мислење дека трансферот на нова технологија е неостварлив за толку краток временски период под пристојни комерцијални услови.
„Вредностите за емисиите што ги бара Европската комисија за тестови во тешки услови имаат мала врска со вистинската употреба на возилото, но бараат многу дополнителна технологија“, објаснуваат од VW. “Поради високите трошоци за имплементација на новата технологија и потребните човечки ресурси, помалку ќе се работи на електричната транзиција, така што ќе настрада и тој бизнис сегмент“.
Во BMW се на мислење дека стандардот Еуро 7 е инструмент за порано прекинување на производството на бензински и дизел мотори, бидејќи очигледно се смета дека производителите на автомобили ќе ја следат линијата на најмал отпор и ќе ги напуштат моторите со внатрешно согорување. Европската комисија ги претстави своите предлози за стандардот Еуро 7 во ноември. Границите за автомобилите треба да бидат само делумно пониски од стандардот за емисии Еуро 6, кој е на сила од 2015 година. Но, тие треба да се мерат во проширена форма на тестови што ќе ги земат предвид параметрите како што се ладни стартови и кратки патувања кога емисиите на штетни гасови (CO2, NOx…) се многукратно повисоки.
„Квалитетот на воздухот не се помога ако ги мериме емисиите на издувни гасови на нов мотор со внатрешно согорување со полн гас и приколка за коњи во прва брзина на планински премин на Алпите“ , велат иронично од Volkswagen.
Тие заклучуваат дека најдобриот начин за намалување на емисиите е да се развие електричната мобилност, но ова може да биде проблем доколку треба да ги префрлат сите свои ресурси за да ја исполнат нормата Еуро 7 и разни хомологации.