Ажурираниот Ford Focus за 2021 година добива лесна хибридна технологија / ФОТО+ВИДЕО
Американскиот хеџбек помина низ процес на блага рестилизација со фокус на технолошко ниво
Рестилизираниот Ford Focus добил технологија на „благ“ хибрид од 48 V на 3-цилиндерскиот турбо мотор. Овој систем овозможува споменатиот мотор сега да испорачува 155 КС, иако е достапен и во послаба верзија со 125 КС. Според информациите од компанијата, Focus со оваа поставка (155 КС), во комбиниран циклус на возење троши 5,1 литри бензин на 100 километри според WLTP протоколот.
Од Ford наведуваат дека лесната хибридна технологија ќе биде понудена во сите нивоа на опрема (Titanium, Active, Focus ST-Line, Vignale), како и за сите изданија (хеџбек, седан и караван). Интересно е тоа што во понудата за наведениот агрегат со системот 48V е и можноста за деактивирање на еден цилиндер тогаш кога неговото работење не е потребно.
Останатите погонски единици во портфолиото остануваат исти. Кога станува збор за бензинската понуда, тоа се турбо моторите со зафатнина од 1 и 1,5 литри, додека кај дизелите, тоа се 1.5 EcoBlue и 2.0 EcoBlue.
Останатите ажурирања се минимални и сведени се на инсталација на нова дигитална инструмент табла. Овој панел е со дијагонала од 12,3 инчи и во Focus доаѓа од моделот Kuga односно Escape.
Од Ford доаѓа и потврда дека компанијата ќе продолжи да пласира хибридни и електрични возила во Европа. До крајот на следната година во понудата за клиентите од Стариот континент ќе има вкупно 18 модели.