Автономните автомобили ќе нe направат полоши возачи
Очекуван, но сепак застрашувачки заклучок од едно научно истражување
Од време на време се појавуваат научни истражувања, чии резултати се повеќе од логични и очекувани, а кои може да ги формулира секој разумен човек кој има барем малку животно искуство.
Последниот придонес во овој дел од науката е „откритието“ дека кога автономните автомобили масовно ќе влезат во нашиот секојдневен живот, тие ќе не направат многу полоши возачи. Причина? Па нема да треба да возиме. Логично, но, сепак, малку застрашувачко, нели?
Истражувањето е на Универзитетот во Нотингем, а според резултатите, возачите кои премногу се потпираат на автономното возење имаат прилично слаба подготовка кога треба да ја преземат контролата врз автомобилот.
Истражувањето вклучува 49 возачи од различни возрасти, и машки и женски. Во првата фаза тие возеле час и половина дневно на симулатори и секој ден во текот на една седмица станувале се подобри возачи. Потоа ја презеле улогата на возач-патник исто така на симулатор. Кога требале повторно да возат односно да ја преземат контролоата над автомобилот, станало јасно дека реагирале побавно, преземале погрешни одлуки и правеле повеќе грешки.
Покрај тоа, при симулиран автономен режим на возење, возачот обично чита, спие или гледа во телефонот и му требаат неколку секунди за да го преземе и исконтролира автомобилот. За жал, премногу често овие неколку секунди се разликата помеѓу животот и смртта.