По објавувањето на организаторите на Салонот за автомобили во Женева дека истиот се одложува по налог на швајцарските власти поради едпидемијата на корона вирусот, остана само жалот што светот нема да има можност да ги види во живо бројните најавени премиери

Секако, моделите се тука и сите ќе бидат видени, само не на начин и во форма како што тоа беше предвидено. Некои веќе ја имаа својата премиера во дигитална форма, некои не. 

Одлуката на швајцарските власти, секако е удар за организаторот, но и производителите се во еднакво големи проблеми бидејќи својата енергија кога станува збор за промоција и маркетинг ја канализираа кон Женева и деновите кога требаше да се случи настанот. Тие сега имаат неколку избори.

Повеќето веројатно ќе ги одложат своите премиери за друг Салон на автомобили, а еден дел ќе организираат и свои минијатурни настани за промоција на новите модели. Оние кои се најпрагматични веројатно презентацијата ќе ја направат на интернет (некои веќе и го сторија тоа), така што некои премиери ќе имаме шанса да ги видиме многу брзо, се разбира во дигитална форма.

Еве кои автомобили требаше го привлечат вниманието на Европа и светот во наредните денови.

Сериски автомобили

Кинескиот Aiway имаше намера да прикаже електричниот SUV U5, кој не помина добро на EuroNCAP краш тестовите.

Alfa најавуваше „нешто големо“ и веројатно стануваше збор за GTA варијанта на Giulia, која требаше да ги подигне границите поставени од QV-верзијата. Зборуваме секако за перформансите.

Aston Martin за Женева го подготвуваше својот прв теренец – DBX, од кој се очекува да ја спаси британската марка од многу тешката ситуација во која се наоѓа. Покрај теренецот, на штандот на британкската марка свое место требаше да најде и Vantage во кабриолет издание.

Солиден настап во Женева, требаше да има и Audi – A3 Sportback, S3, RS5, E-Tron S, a според некои шпекулации и рестилизираниот SUV Q5.

Британскиот производител на луксузни автомобили – Bentley, имаше намера да прикаже два нови модели. Станува збор за Continental GT Mulliner и уникатниот Mulliner Bacalar GT. Можеби и рестилизираниот SUV Bentayga.

 

BMW пред публика требаше да претстави хибридна варијанта на Серија 3, потоа M340d, како и plug-in хибридна верзија на X2. Многумина беа уверени дека во Женева ќе се појави и долгоочекуваната Серија 4 во купе верзија.

Bugatti имаше намера да го претстави Chiron Sportive Noir, но имаше гласини дека до него може да се најде и Chiron R, за што се зборува веќе некое време, но нема детални информации. 

Порано дел од Seat, а денес самостоен бренд, Cupra требаше да ги покаже моделот Formentor и моќен Leon.

Со својот 21C модел, Czinger најави вистинска револуција на територијата на хиперавтомобили. Овој модел има над 1.200 КС и може да забрза до 100 km/h за помалку од 2 секунди! 

Францускиот DS е решен да ја нападне германската премиум тројка уште посериозно, па за таа цел го воведува седанот DS9. Судејќи според првичните реакции, веројатно „нападот“ ќе биде јалов.

Fiat требаше да го лансира електричното издание на Model 500 – автомобил кој е многу важен за италијанскиот бренд пред се заради флотната емисија на штетни гасови.

Овој вид на настан не е резервиран само за големите производители, па така Fisker требаше да ја запознае публиката со теренецот наречен Ocean, додека ревитализираниот шпански бренд Hispano Suiza требаше да го покаже Carmen Boulogne.

Покрај неколку варијанти на бестселерот Civic, на штандот на јапонскиот бренд Honda свое деби пред публика требаше да има и новиот Jazz за европскиот пазар.

Големи очекувања од Салонот во Женева имаше и Hyundai кој требаше да има многу убедлив настап. Покрај новата генерација на i20, во план беше и освежениот i30. Братскиот бренд Kia премиерно требаше да го претстави целосно новиот Sorento.

Проблемот со флотната емисија на штетни гасови, Jeep ќе се обиде да го решава со plug-in-хибридни варијанти на Wrangler, Compass и Renegade, кои својата премиера требаше да ја имаат токму во Женева. 

За некого анонимен бренд, за некого не, Karma планираше да го промовира моделот Revero.

Премиум дивизијата на Toyota – Lexus, имаше најавено три премиери: UX300e, LC во кабриолет варијанта и ES MY. 

На штандот на Mercedes, свое место во женева требаше да најдат GLA, AMG верзиите на овој модел, како и GLE 63 Coupe и рестилизираната E-класа.

Pininfarina требаше да го претстави моделот Battista.

Со откажувањето на Саемот за автомобили во Женева, пропаднаа две премиери на Porsche – Cayman 718 GTS 4.0, како и 911 Turbo.

Силен настап планираше и Renault. Покрај обновениот Talisman, на штандот требаше да се најде и освежениот Megane, како и хибридните варијанти на моделите Clio и Captur. Покрај тоа, францускиот бренд ја најави премиерата на електричното издание на моделот Twingo, а се шпекулираше дека ќе го видиме првиот EV од нискобуџетната Dacia, во концептуална форма.

Хрватскиот Rimac одамна најави дека во Женева ќе ја видиме сериската варијанта на C-Two. 

Премиера пред публика требаше да има новиот Seat Leon, а се шпекулираше дека таму може да се најде и електричниот El-Born.

Škoda за Женева ги подготвуваше Kamiq Scoutline, новата Octavia, но и хибридно издание на перформантната Octavia. 

Toyota најави три многу интересни премиери за најголемото автомобилско шоу во Европа – новиот Yaris, потоа спортскиот GR Yaris, и мал теренец, базиран токму на првиот модел.

Во дигитална форма веќе претставени, во Женева премиера прад публика требаше да имаат перформантните верзии на новиот Volkswagen Golf – GTI, GTD и GTE, a покрај нив и новото Caddy, како и хибридниот Touareg R. Можеби и Tiguan R.

Концептни модели

Првиот меѓу нив е BMW i4, кој требаше да даде навестување за изгледот на електричниот седан од баварскиот бренд.

Необичниот DS Aero Sport Lounge дава увид во иднината на електричната SUV класа за француската марка. 

Друг EV модел е концептот Hyundai Prophecy, кој всушност е седан со спортски амбиции.

Во сферата на концептни возила, секако, би доминирале електричните модели. Така, Lexus сакаше да го лансира LF-30, Renault го најавуваше Morphoz како футуристичко возило, а Mercedes Vision AVTR.

Оние кои не гледааt толку далеку во иднината како споменатите брендови, сакаа да покажат стил и да ги подготват потенцијалните купувачи за претстојните сериски модели. Така, Škoda требаше да го претстави Enyaq, кој дефинитивно ќе влезе и во сериско производство.

Polestar го подготви концептот Precept како увид во скорешната гама на овој производител. Слично, Volkswagen имаше намера да го прикаже ID.4.

Сега засега само ќе ги напоменеме, кога станува збор за најавените концепти, и Aiways U6ion Coupe, Apex AP-0 EV, Apex EV Sports Concept, Espera Sbarro Saetta, GFG Style 2030, IED Tracy Concept, Koenigsegg Mission 500 Concept, Microlino 2.0 & Electric Scooter, MP Gemballa Off Road Supercar.