Автомобилите во кои моторот се стартува без клуч (со притискање на копче), може да бидат многу опасни за нивните сопственици, се вели во извештај на изданието New York Times

Системот за стартување на моторот во автомобилот „со копче“, при што клучот не мора ни да се извади од џеб, туку е доволно да биде кај возачот или во негова непосредна близина, станува се попопуларен во автомобилската индустрија пред се поради својата практичност.

Сепак, некои анализи покажуваат дека оваа технологија може да биде многу смртоносна за „расеани“ возачи, ако заборават да го исклучат моторот кога возилото ќе го паркираат во својата гаража.

Според New York Times, само во САД евидентирани се 28 смртни случаи предизвикани од труење со јаглерод моноксид (CO) од издувниот систем на автомобили со безконтактно стартување на моторот, а најмалку 45 лица се здобиле со сериозни последици по здравјето, вклучувајќи и оштетување на мозокот.

Истиот извор наведува дека речиси половина од сите нови автомобили во САД доаѓаат со систем за стартување на моторот без клуч, со тенденција на зголемување на овој број, што го зголемува ризикот по здравјето на „расеаните“ возачи кои ги паркираат своите возила во гаража.

Дополнителен проблем за оние кои поради некоја причина ќе забораваат да го исклучат моторот пред да излезат од автомобилот е тоа што погонските агрегати се се потивки, па некои возачи кои „во моментот со умот не се присутни“ ќе излезат, а воопшто и да не приметат дека автомобилот сеуште работи.

Во случај моторот на автомобилот подолго време да остане вклучен, а автомобилот е паркиран во приватна гаража, лесно може да предизвика труење на сопствениците со јаглерод моноксид.

И покрај растечкиот број на жртви, повеќето производители на автомобили се уште не ги опремиле своите возила со систем за безбедност кој ќе спречи ваква појава, пишува американското издание.

На овој проблем предупредува на Американското друштво на инженери од областа на автомобилската индустрија, кое претходно ги повикало компаниите да инсталираат некој вид на аларм кој би ги предупредил сопствениците на автомобили дека моторот се уште е вклучен ако се одалелат од возилото со автомобилскиот клуч во својот џеб.

Националната агенција за безбедност на сообраќајот на САД (NHTSA), исто така, предлага нова регулатива со која од производителите ќе се бара (обврзувачки) еден таков уред.

Некои автомобилски компании веќе реагирале, како Ford на пример, чии понови модели имаат систем кој автоматски го гаси моторот во случај на „неактивност“ повеќе од 30 минути, ако клучот не е во возилото.