Aвтомобилиските фанови, но и сите обични минувачи кои решија да го искористат прекрасното сончево време за прошетка, денес имаа несекојдневна можност на едно место да погледнат, уживаат во нив, некои од нив и да ги провозат, стотина, што нови, што веќе присутни на пазарот, модели на автомобили од петнаесетина брендови на изложбата Avto Plus Street Show, која се одржува на булеварот Илинден, на потегот од Зоолошка градина до Детскиот културен центар „Карпош“.

Иако на Илинденска не беа присутни сите брендови кои се присутни на македонскиот пазар, сепак имаше што да се види. Од целосно нови модели кои влегуваат во продажба, до модели кои веќе се добро познати на македонскиот купувач но со повисоки пакети на опрема и хибридна технологија. Да не ги заборавиме и штандовите со нови производи од придружната индустрија – гуми, акумулатори и автогалантерија.

Изложбата ја отвори градоначалникот Шилегов.

„По 13 години без саемска манифестација во автоиндустријата, во Скопје конечно се одржува изложба на автомобили. Главната цел е да се приближат еколошките и технолошките достигнувања до граѓаните, како и да се презентираат нови дизајни и карактеристики, сево ова во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот. Авто Плус Стрит Шоу денеска ќе претстави над 100 модели автомобили, а на мое огромно задоволство ќе видиме и целосно електрични и хибридни модели“, рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека Град Скопје работи на стимулирање на граѓаните да купуваат електрични автомобили преку обезбедување просторни услови за полнење.

„Дополнително обезбедивме бесплатно паркирање на местата означени за полнење електрични автомобили, додека се полнат. Поставени се 8 полначи на територијата на Скопје и уште 7 полначи се во постапка на поставување. Полнењето на автомобилите на овие полначи e бесплатно. На пазарот во Скопје се почесто среќаваме продажба на електрични велосипеди, скутери и тротинети. Возниот парк на Град Скопје освен електричен автомобил, вбројува и електрични скутери и велосипеди кои градската администрација редовно ги користи“, нагласи Шилегов.

„Авто Плус Стрит Шоу“ е во организација на најстарата месечна автомобилска ревија во македонскиот медиумски простор – Авто Плус.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1sqLYbr4KkhbAfaRhtlrFXZ7G0yHhLtCE” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ previewinline=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]