
Австралијците од 2023 година ќе ја проверуваат безбедноста на автомобилите „под вода“
Од 2023 година, ANCAP ќе вклучува тестирање под вода кое ќе стане дел од севкупниот нов систем за оценување на автомобилите
Секој кој имал несреќа да се најде во поплава или во автомобил кој тоне знае колку е тоа страшно, а бегството од такви ситуации не е лесно. Ова е причината зошто австралиската програма за проценка на нови автомобили ANCAP воведува промени и ќе ја проценува безбедноста на возилата под вода.
Од 2023 година, ANCAP ќе вклучува тестирање под вода кое ќе стане дел од севкупниот нов систем за оценување на автомобилите. Ќе биде групирано со други оценки во системот ANCAP кои се однесуваат на пристапноста на возилото по судар со фокус на спасување на патниците заробени во возилото. Производителите мора да докажат дека вратите може да се отворат во период од најмалку десет минути под вода без напојување од акумулаторот (батеријата) и дека електричните прозорци сè уште можат да функционираат.
Доколку овие барања не се исполнети, тогаш производителите мора да им овозможат на патниците начин да ги отворат или скршат страничните прозорци, а сите информации за тоа мора да бидат во прирачникот што доаѓа со новото возило. Без овие чекори, новите возила од 2023 година нема да можат да ја добијат максималната оцена од ANCAP.
Иако не е наведена конкретната причина за новите критериуми, ANCAP го спомена неодамнешното време кое ги предизвика поплавите. Освен тоа, јасно е дека новите автомобили стануваат сè покомплексни поради електронските системи. Ова вклучува електронски контролирани врати и рачки на вратите на некои возила, а информациите за тоа како функционираат таквите системи во ситуација на поплава е тешко да се најдат.
Истражувањата покажуваат дека разликата во притисокот внатре и надвор од автомобилот што тоне може да го спречи отворањето на вратите додека притисокот не се изедначи. За жал, тоа се случува само кога внатрешноста на автомобилот ќе се наполни со вода, па патниците имаат многу малку време да се спасат.